Статистиката мери постојан раст на просечната плата но Македонија никако да се одвои од дното на Балканот. За вистински да се зголемат личните приходи мора да сериозно да се намали невработеноста, но и да се зголеми продуктивноста.

 

Просечната плата на крајот на 2017-та година на државно ниво изнесувала 23.850 денари, за една година се зголемила за 1.7% а за една деценија за над 60%. Ова го покажуваат официјалните мерења на Заводот за статистика. Сепак, животот на обичниот човек е се полош и полош.

 

Еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија покажуваат официјалните податоци на европската статистичка агенција Евростат.

 

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Податоците се однесуваат на 2013-та и во нив ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

 

Според последните официјални статистички податоци, највисоките просечни плати во поранешна Југославија се во Словенија и Хрватска каде достигнуваат 1.062 односно 835 евра. Најниски се во Босна и Македонија каде изнесуваат 440 односно 387 евра.