Македонско-италијанската асоцијација АПИ НОРДЕСТ, чиј претседател е бизнисменот Мунир Шемши, по потекло од Македонија ќе биде домаќин на Бизнис форумот што на 9 и 10 месецов ќе се одржи во Тревизо и Венеција, Италија.

-Сонот полека, но сигурно се остварува. Подготовките се во завршна фаза. АПИ НОРДЕСТ чекори кон остварување на својата прва визија, и нема да застанеме тука. Ќе продолжиме и понатаму да ја остваруваме нашата идеологија, иако патот понекогаш е трнлив. На 9 и 10 јуни АПИ НОРДЕСТ ќе биде домаќин на Бизнис форумот во Тревизо и Венеција, со презентација која ќе биде препознаена на Балканот, но и пошироко, изјави Шемши за МИА.

На оваа значајна бизнис манифестација најавено е присуство на македонска владина делегација предводена од вицепремиерот Фатмир Битиќи, во која ќе биде и министерот за дијаспора Џемаил Чупи. Ќе учествуваат градоначалници и бизнисмени од повеќе градови од Македонија и Италија.

-Честа е голема што ќе можеме преку АПИ НОРДЕСТ да се претставиме како народ, но пред се и над се, ова го правиме за нашата земја, нашето знаме, нашата култура. Ви ветувам дека како претседател на АПИ НОРДЕСТ ќе се вложам максимално да ја претставам сега, но и во иднина Северна Македонија како што заслужува, посочува Шемши.

Уште еднаш сакам да истакнам, нагласува, дека вратата е отворена за секој што сака да даде придонес со своето присуство на овие два значајни настани кои се одржуваат под мотото „Nordest-sudest- мост помеѓу двата брега на Јадранот“.

АПИ НОРДЕСТ асоцијација на претприемачи и професионалци, формирана е по иницијатива на Шемши, кој потекнува од селото Коџаџик, општина Центар Жупа, во што максимална поддршка добива од македонскиот конзул во Венеција, Стојан Витанов.

Нивна заедничка цел, како што вели Шемши, е асоцијацијата да прерасне во италијанско-македонска стопанска комора.