Трговците со нафтени деривати силно се спротиставуваат на најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика – да ја намали нивната маржа за 33 проценти, односно од 4,5 на 3 денари по литар.

Оваа одлука регулаторот ја оправда со фактот дека тоа е единствениот инструмент што им стои на располагање за да ги заштитат потрошувачите од енормното зголемување на цените на горивата, односно од ценовните шокови кои би го загрозиле нивниот животен стандард.

Но, дали е оваа мерка сосема оправдана и дали можеби нема да предизвика поголеми негативни ефекти отколку што се добрите намери да се заштити животниот стандард на граѓаните. Дали е оваа одлука пазарна, во услови во кои, како што велат трговците, и сега работат со големи загуби, се со цел да продолжи редовното снабдување на граѓаните и на стопанството со гориво.

Треба ли нафтата и нафтените деривати, сметаат тие, да се третираат како социјални категории, во услови кога власта сака да одржи ниска цена на горивата, која, пак, сега е вештачка во овие услови. Дали, доколку трговците се оштетат финансиски поради намалувањето на маржата, ќе можат да продолжат да набавуваат нафтени деривати, и конечно, како сето тоа ќе се одрази на снабдувањето на пазарот, односно, нема ли да доведе до криза во обезбедувањето на овие енергенси, и што е можеби најстрашно од се, недостиг во снабдувањето со гориво.

Трговците сметаат дека се оштетени.

Најголемиот дистрибутер со горива во земјава Макпетрол, предупредува дерка ненадејното намалување на маржите за трговија со горива за 33 отсто, што историски претставува најниска маржа за трговците, создава непазарни услови, кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Од компанијата нагласуваат дека имајќи ја предвид нагласено тесната поврзаност на редовната испорака на горивата со нормалното функционирање на општеството, со оваа одлука постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, и тоа не само на краток, туку и на подолг рок.

„Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и ‘Макпетрол’ сериозно ја разгледува“, предупредија од компанијата.

Додаваат дека компаниите што снабдуваат нафта и нафтени деривати не можат врз себе да го понесат товарот на вештачко држење на ниска цена на горивата, како социјална категорија.

„Сепак, станува збор за обврска на државата и на сите мерки што и стојат на располагање, но не на сметка на пазарната логика и приватните компании. Оваа популистичка мерка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво“, предупредуваат од Макпетрол.