Во Македонија само 45 % од жените на возраст од 15-24 години се вработени, се обучуваат или студираат, а останатите 55 % не прават ништо иако имаат соодветно образование и вештини.
Жените во Македонија потешко наоѓаат работа и нивниот труд не е еднакво вреднуван како на мажите дури и во ситуации кога имаат поголеми квалификации
Малото учество на жените во стопанството му штети на економскиот раст. Светска банка укажува на фактот дека родовата нееднаквост и ниската застапеност на жените на пазарот на труд прави загуби во БДП кои достигаат и до 15 %.
Во 2014-2015 год пресметавме дека вкупните загуби на приходите биле 15 % . Тоа е драматична загуба во придонесот кон секој поединец, но и во економијата. Доколку се зголеми вработувањето на жените и се искористат нивните вештини и квалификации, сигурно ќе придонесе за раст на БДП, но тоа е тешко да се пресмета. Наоѓањето работа на пазарот на труд е потешко ако сте жена во Македонија. Дури и кога ќе најдат работа, жените заработуваат помалку иако имаат исти вештини и квалификации со мажите, кажа Марко Мантованели од Светска Банка.Само 5% од жените се обиделе или отвориле своја фирма, станале претприемачи или пак се управители на компании. Ако жените не се вклучени во економијата, не може да се користи нивниот потенцијал.
Грижа во градинките добиваат 25 % од децата, а останатите ги чуваат баби и бебиситерки. Речиси половина од градинките не прифаќаат нови деца, а 1/3 од родителите се упатени на листа на чекање. Таквите состојби, рече Муњоз Буде, на жените им влијаат на работното место, врз нивната психолошка и здравствена состојба и ги доведува постојано во состојба на жонглирање со обврските.
Македонија има висока невработеност кај младите луѓе, но причините според Светска Банка не треба да се бараат само во иселувањето туку во ограниченото креирање на работни места, во несоодветствувањето на вештините и новите економски текови и во традиционалните уверувања дека жената треба да се грижи за семејството.
Неодамнешното истражување на Светска банка покажа дека Mакедонија е претпоследна во регионот со раст од само 2,7 проценти на вработеноста, а лидер е Косово.