Бизнисмените во малите држави како Македонија немаат голем избор. Мора да бидат отворени кон светот и да воведуваат нови технологии за да може да бидат конкурентни на светските пазари, сметаат претставниците од бизнис секторот кои денеска учествуваат на Самитот на мали земји што го организира Стопанската комора на Македонија.
Според Мојмир Оцвирк од Словенија, најважно е да се создаде клима во која младите и било кој човек ќе размислува како претприемач и да се види дали новите трендови што ги наметнува времето, може да им помогнат на претпремачите во малите држави успешно да преминат на глобалниот пазар.
– Најважно е да видиме дали новите трендови носат нешто ново на пазарите на малите држави кои не се доволно јаки за да можат да конкурираат на глобалниот пазар, изјави Оцвирк.
Вицепремиерот на Македонија за економски прашања смета дека малите земји како Македонија мора да бидат отворени кон светот, а за развој на економијата потребно е да се има стабилна политичка состојба и владеење на правото.
За зголемувањето на БДП во малите економии како што е македонската, според Анѓушев, клучни се два механизми и тоа извозот и инфраструктурните инвестиции кои треба да бидат продуктивни.
– Извозот во БДП учествува со 54 проценти и ако сакаме да оствариме раст од пет до шест проценти на БДП, колку што ни е потребен за полека во период од 15 до 16 години да ги стигнеме европските стандарди, треба да имаме најмалку 65 до 70 проценти учество на извозот во БДП, истакна Анѓушев, додавајќи дека инфраструктурните проекти мора да бидат одржливи на долг рок и во корист на економијата и граѓаните.
Поради тоа, како што посочи, во следниот период ќе се посвети внимание реализацијата на инфраструктурните проекти на Коридорот 8, изградбата на автопатиштата и железничкото поврзување со Албанија и Бугарија.
Денешната конференција треба да придонесе за подобрување на бизнис врските преку користење современа технологија, како и визија за правецот на движење на бизнис секторот во иднина.