Како и секоја година, и годинава порталот Пари, во соработка со БизнисМрежа.мк, подготвува ексклузивен серијал во кој ви ги открива приходите, добивките и бројот на вработени на 100-те најголеми компании во секоја од овие области поединечно. Но, не се задржуваме само на голи бројки, туку правиме споредби и анализи на трендовите на компаниите што се на врвот на стопанството.

Првиот поглед покажува дека стоте компании најголеми по приход лани направиле вкупен промет од 14,2 милијарди евра, стоте компании најголеми по добивка имале заедничка добивка од 922,3 милиони евра, а стоте најголеми работодавачи имале 105.219 вработени.

ПРИХОДИТЕ ПОМАЛИ ЗА ОКОЛУ 800 МИЛИОНИ ЕВРА

Стоте компании што биле најголеми по приход во 2023 година заработиле 14,2 милијарди евра. Но, ова е помал приход отколку во 2022 година, кога тие имале заеднички промет од 15 милијарди евра.

100 најголеми компании по приход во 2023 година

Секогаш стоте компании најголеми по приход се најзаслужни во создавањето на брутодомашниот производ. Затоа, секоја надолна осцилација носи доза загриженост. Меѓу приходот на овие фирми од 2022 и од 2023 година има негативна разлика од околу 800 милиони евра! Разликата е, всушност, пад од 5,7 насто! Од друга страна, иако растот на брутодомашниот производ во 2023 година беше скромен, тој бележи зголемување од 1 насто во однос на 2022 година. Минатата година имаше и инфлација од 9,4 насто во однос на 2022 година, што, секако, значело и некаков раст на цените по кои се продавале производите и услугите од страна на компаниите. Така, слободно може да се каже дека е малку збунувачки намалениот приход на стоте најголеми компании во 2023 година во однос на тоа што тие го сработиле во 2022 година.

ЗАЕДНИЧКАТА ДОБИВКА НА 100 ФИРМИ СО РАСТ ОД 14,55 НАСТО

Што се однесува до добивките, податоците покажуваат пораст на профитите. Но, анализата се однесува на стоте компании најголеми по добивка, а притоа, не се сите компании што се најголеми по приход истовремено и најголеми по добивка.

Компаниите коишто се вбројуваат во 100 компании најголеми по добивка имаат раст на добивката од 14,55 насто. Во 2023 година нивната добивка била 922,2 милиони евра, а во 2022 година изнесувала 788 милиони евра.

100 најголеми компании по добивка во 2023 година

7.990 НОВИ ВРАБОТУВАЊА ВО 100 КОМПАНИИ

Најголемите сто работодавачи лани имале 105.219 вработен, додека истите овие компании имале 97.229 вработени во 2022 година. Податоците покажуват раст од 7.990 вработени во овие компании.

100 најголеми работодавачи во 2023 година

Ако се земе предвид дека во Македонија има околу 580.000 вработени (со регулирано пензиско и здравствено осигурување), тогаш речиси секој шести бил вработен во една од стоте компании што се најголеми работодавачи. Овие компании вработуваат околу 18 проценти од сите вработени.

Во следната анализа: КОИ СЕ 100-ТЕ КОМПАНИИ НАЈГОЛЕМИ ПО ПРИХОД?

 Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/malku-zbunuvacki-prihodite-na-100-te-najgolemi-kompanii-vo-2023-godina-poniski/