Влегувањето на бугарски технолошки компании на пазарот во Македонија се прифаќа исклучително позитивно – се бара бугарска експертиза во секторот, како и во однос на законодавството.

Веќе има многу добри примери во тие односи. Ова го изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски за емисијата „Светот е бизнис” на бугарската „Блумберг ТВ”.

Манчевски рече дека во последните две години Владата во Скопје ги зајакнала инвестициите во иновациите, старапите, и вовела олеснувања за странските инвеститори

Тој рече дека целта е да се подаде рака на младите луѓе и тие да останат во регионот, наместо да се насочат кон Западна Европа.

-Се обидуваме да ги натераме младите да го развијат претприемачкиот дух и да бидат иновативни без речиси никаков ризик, рече Манчевски, истакнувајќи дека Северна Македонија има добра соработка со сите соседни земји, како и со САД и Израел.

Додаде дека ЕУ исто така помага за развојот на научните технологии во земјата, посочувајќи го за пример електронскиот регистар на население, што е направен со европски средства, а во моментот, како што рече, со тие средства се развива и новиот национален портал за електронски услуги.

Според него, Западен Балкан има потенцијал да се претвори во технолошки центар во Европа.

-Регионот претходно беше познат по негативни нешта. Веќе се повеќе започнуваме да даваме позитивни примери. По отстранување на политичките проблеми, можностите се огромни, рече министерот Манчевски за бугарската „Блумберг ТВ”.