Во услови кога економијата е зафатена од голем број турбуленции предизвикани од пандемијата, енергетската и воената криза жените менаџери и претприемачи, кои главно гравитираат во мали и средни претпријатија покажуваат голема виталност и силно се борат нивните бизниси да опстојат. Ова беше речено на Марили бизнис форумот под наслов „Современа бизнис раскрсница“ на кој учествуваат над 250 жени менаџери и претставници на академската фела од земјава и регионот.
„Сите тие во дискусии и дебати ќе го кажат своето мислење, својот став за економските предизвици и што треба да се направи и од страна на институциите, и од страна на академската фела и од страна на реалниот сектор за да ја подобриме состојбата, односно да си помогнеме сите во актуелниот економски миг“, изјави Лидија Трипуноска-Марили бизнис Форум.
„Македонија има голем потенцијал за развој на економијата. Има многу млад образован кадар којшто лесно може да се адаптира на начинот на работење како во земјите на Европската Унија. Тоа се обидуваме да го имплементираме на овој пазар со што кадрите коишто имаат голем квалитет ќе останат и ќе ја развиваат својата земја“, нагласува Шемса Емшериев-сопственик и менаџер на Агенција за маркетинг и менаџмент.
Треба отворено да се зборува за женското претприемништво и воопшто дали местото на жената во општеството е на задоволително ниво, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи.
„Сега сме дојдени до момент во којшто сакаме да го видиме учеството на жените во приватниот сектор на сите нивоа или јас тоа го велам-колку жените се вклучени во вредносните ланци на севкупната економија. И јас морам да кажам дека женското претприемништво и учеството на жените е битно за нашата економија“, изјави Фатмир Битиќи, заменик-претседател на владата задолжен за економски прашања.
Покрај форумот вечерва ќе се одржи и 26 издание на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, при што се очекува да се обрати Анита Ангеловска Бежоска, гувернер на Народната банка, која е една од 20-те добитнички на наградите.