Маркетите кои викендов добија парична казна и клуч на врата веќе ги платиле глобите и од утре повторно ќе работат.
Министерот за економија, пак, пресметал дека со замрзнатите цени, секое домаќинство месечно ќе има заштеда од 2 и пол илјади денари.
Според него, изминатиов период најмногу поскапело овошјето и зеленчукот оти трговците наместо да го продаваат на домашниот пазар, поголемиот дел го извезувале во регионот. Ги предупреди да не го прават тоа, а во спротивно државата ќе ги укине увозните давачки.
„Ние не сакаме да функционираме граѓани на други држави. Тоа го правиме за нашите граѓани. Го правиме првично за земјоделците, а секако и за граѓаните и потрошувачите во нашата држава да имаат пониски цени од тие во регионот. А тие заради одредени профити, тука зборувам само за трговците на овошје и зеленчук, не зборувам за земјоделците, веднаш го применуваат најлесното за да добиваат поголеми цени“ – Крешник Бектеши, министер за економија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека владината економска политика е погрешна и со замрзнати цени не може да се амортизира ценовниот шок.
„Јас ги разбирам дека тие се навикнати на едноумие, на болшевизам и така натаму, но тоа нема никаква врска со пазарната економија. Уништувајќи еден сегмент, на сметка да добијат, можеби краткорочно на ден два политички поени, притоа изгубија премногу. Зошто? Повторно ќе кажам, нема зголемен БДП, нема зголемена продуктивност, нема зголемена економска активност и сега што прават, прават насилен упад на пазарот. “ – Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Гарантираните цени ќе важат до 30 ноември, а не е исклучена можноста на оваа листа да се најдат и други производи.