Народната банка на Република Македонија (НБРМ), во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс од Париз, Франција (The Reinventing Bretton Woods Committee – RBWC) организира меѓународна конференција на којашто фокусот на учесниците ќе се насочи кон најновите трендови и предизвици во врска со монетарната политика, финансиската стабилност и управувањето со финансиските средства во целина.
Според соопштението конференцијата ќе се одржи на 16 февруари 2018 година во Мериот хотел, Скопје, Република Македонија.
Целта на Конференцијата е да се оценат тековната состојба и идните изгледи на глобалната економија, и во тој контекст, да се открие со кои предизвици се соочуваат централните банки при остварувањето на нивните цели за одржување на ценовната и на финансиската стабилност. Вниманието на Конференцијата ќе се насочи кон посткризните движења на финансиските пазари во развиените и во економиите во развој, отпорноста на финансискиот систем и промените во регулативата од страна на централните банки.
Исто така, на Конференцијата се предвидуваат и дискусии околу идната интеграција на земјите од Југоисточна Европа, со осврт на досегашните постигнувања и идните предизвици пред овие економии.
Конференцијата е наменета за претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции, глобалните банки и домашните финансиски и инвестициски институции. На конференцијата се очекува присуство на високи претставници на релевантни меѓународни финансиски институции, академскиот свет и глобалните банки, како и гувернери на централните банки, што ќе овозможи плодотворни дискусии и размена на искуства на сите учесници.