До крајот на ноември цената на лебот, брашното и печивата ќе се зголеми за најмалку 10 проценти, најавуваат мелничарите.

Причини за поскапувањето, велат, се скапата струја и растот на берзанските цени на пченицата.

Мелничарите бараат субвенции за електричната енергија или да бидат додадени на регулираниот пазар зашто само така, нагласуваат, би се смирила ситуацијата и соодветно би се намалиле цените во корист на населението.

Претседателот на Групација на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора, Горан Малишиќ, изјави дека од огромна корист би биле и ноќните вишоци што ги продава ЕСМ, зашто и онака 75 отсто од производството на пекарската индустрија се изведува во ноќните часови.

Во сегашната консталација, берзанската цена на пченицата како основна суровина повторно почна да расне. Од жетвата 2022 цената на француската берза е зголемена за околу 10 отсто, а и зголемувањето во Србија е исто така 10 проценти. Тоа значително ќе ја зголеми цената на брашното и на лебот со печивата за минимум 10 проценти во наредниот период од максимум 40 до 50 дена, вели Малишиќ.

Тој додава и дека залихите на пченица кај приватните субјекти, силоси и мелници се на историски најмал минимум, што од намалената домашна жетва во 2022, што од неможноста на мелниците да набават пченица од увоз поради високата цена. Дополнително, проблем се и оперативните средства за набавка на лебно жито кои не се подржани ниту од комерцијалните банки, ниту од Владата.

Засега одговор од Владата на барањето на мелничарите нема. Тие иднава недела очекуваат средба на повисоко ниво, меѓу Комората и ресорните министерства, за изнаоѓање соодветни решенија.