Фридрих Мерц, кој станува германски канцелар на 6 мај, се залага за трансатлантска зона на слободна трговија без никакви царини меѓу Европа и САД, изјави тој за германскиот весник Ханделсблат.

Мерц рече дека е грешка што не е склучен големиот договор за слободна трговија познат како Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство (ТТИП). „И да, се надевам на нов трансатлантски договор за слободна трговија. Нула посто царини за сè. Тоа би било подобро за двете страни“, изјави идниот канцелар за весникот.

Неговите изјави доаѓаат во време кога Вашингтон воведува драматични и непредвидливи трговски политики, прво воведувајќи високи царини за стоки од бројни земји, а потоа паузирајќи ги.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги прекина преговорите ЕУ-САД за ТТИП во 2017 година, на почетокот на својот прв мандат.

Мерц рече дека решение може да се најде со Трамп доколку тоа им служи на заедничките интереси. ЕУ мора да зборува со еден глас, да ја покаже својата способност да дејствува и да ги презентира своите интереси со доверба, рече тој.

Мерц, повика на договор за слободна трговија со САД и за време на германската изборна кампања минатата година.

Советникот на Трамп, милијардерот Илон Маск, исто така се изјасни за трансатлантска зона за слободна трговија без царини.

Администрацијата на Трамп во моментов преговара со различни земји за царините додека трае 90-дневната пауза што американскиот претседател ја објави по воведувањето на првичните царини. Но, пазарите остануваат длабоко нестабилни бидејќи луѓето стравуваат од понатамошен економски хаос.