За неполна недела завршува мерката за замрзнување на маржата за 70 основни производи што пред еден месец ја донесе Министерството за економија и труд. Првиот човек на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, вели дека мерката за замрзнување на маржата за 10 отсто за 70 производи воопшто не се почувствувала иако биле вклучени 47 производи од месечната потрошувачка кошничка. Според него трговците ја злоупотребиле мерката, зголемувајќи ги цените во моментот кога дознале за најавата за есенска кошничка.

Но, министерот за економија Бесар Дурмиши не мисли така. Вели дека мерката имала ефекти.

“Следниот месец се очекува намалување на цените бидејќи стапи на сила законот за нелојална трговија. Доколку се случи трговците драстично да ги зголемат цените од страна на Пазарниот инспекторат, ќе се преземат поригорозни мерки. Доколку пазарните цени се стабилни, тогаш нема потреба од преземање други мерки”, рече Бесар Дурмиши – министер за економија.

Дурмиши смета дека секое семејство месечно заштедило по околу 3000 денари од есенската кошничка но и од замрзнувањето на маржата за училишна опрема. Министерот Дурмиши најави вакви мерки и за Божиќ, Велигден, но и во месец Рамазан следната година.