Во месец февруари, глобалните берзи бележат намалување за нешто помалку од 3%. Притоа акциите на европските компании поевтинеа повеќе од американските. Приносите се искажани преку индексот MSCI, сметано во евро валута.
Американскиот берзански индекс S&P500, кој во текот на јануари го достигна својот историски врв, бележеше надолна корекција на почетокот од новиот месец. Неговите акции повторно поскапеа во втората половина на февруари, но сепак не доволно за да биде надополнет претходниот минус и индексот да може да го заврши месецот со позитивен принос. Најголемо намалување на цените бележи енергетскиот сектор, додека својата вредност ја зголемија акциите на компаниите од технолошкиот и финансискиот сектор, кои воедно заземаат и најголемо учество во пазарната капитализација на американскиот пазар на капитал.
На обврзничкиот пазар, се зголеми приносот до достасување на 10-годишната државна обврзница и на крајот од месецот изнесуваше 2,9%. Инвеститорите за годинава очекуваат три покачувања на референтната каматна стапка. Нов претседател на централната американска банка е Jerome Powell, кој на овој пост ја наследува Janet Yellen.
Според последните макроекономски показатели, растот на БДП-то изнесува 2,5% на годишно ниво. Стапката на невработеност е на најниското ниво за последните 17 години, додека примањата на вработените пораснале за повеќе од 4% во последната година.
Преглед по региони (во евра)
* Позитивната вредност означува раст на еврото
Од перспектива на европските вложувачи, европските акции поевтинеа повеќе од американските поради закрепнувањето на американската валута во однос на еврото.
Приносот до достасување на 10-годишната германска обврзница на почетокот од месецот изнесуваше 0,8%, што претставува највисоко ниво за последната година. И покрај ова, до крајот на месецот очекуваните приноси на европските обврзнички пазари се намалија, па обврзничкиот индекс iBoxx забележа раст на месечно ниво.
Според последните показатели, Јапонија бележи највисока стапка на инфлација по 2015 година, што е резултат на новововедените давачки од страна на администрацијата на премиерот Shinzō Abe. На тоа се надоврза и централната јапонска банка, која објави промени во програмата за квантитативни олеснувања, во моментот кога стапката на пораст на цените ќе достигне 2%. Јапонскиот јен во февруари ја зголеми својата вредност, како во однос на доларот, така и во однос на еврото.
Анализата за БРИК државите покажува дека најмногу пораснале руските акции (2,6% мерено преку MSCI индексот, изразен во евра), додека поевтинување бележат акциите во Кина и Индија.
Вредностите на регионалните берзи исто така благо се намалија. На љубљанската берза најголем раст забележа акцијата на Gorenje со повеќе од 11% на месечно ниво, додека пак Luka Koper и Cinkarna Celje загубија по речиси 7%.
Македонскиот берзански индекс загуби нешто помалку од 2% на месечно ниво. Од елементите кои го чинат МБИ10 индексот, поскапеа единствено акциите на Комерцијална банка Скопје, и тоа за 0,94%, додека најголем пад за еден месец бележи акцијата на Стопанска банка Битола со негативни 9,97%.
НАПОМЕНА: Изнесените податоци се од информативен карактер и не содржат инвестициска препорака за вложување во некој од фондовите со кои управува КД Фондови АД Скопје.
Вложувањата во акциски фондови подлежат на одреден пазарен ризик. Вредноста на уделите може да расте или опаѓа во зависност од тековните состојби на пазарите на капитал.
Пред донесувањето на одлука за вложување, секој потенцијален инвеститор е должен внимателно да ги прочита одредбите од Проспектот и Статутот на фондот во кој има намера да вложи средства, со цел да дознае за каков вид на вложување станува збор, како и за ризиците поврзани со вложувањето во тој фонд.