Mинатата недела Собранието ги донесе измените на Законот за стечај, според новите измени на уште 2.000 стечајни работници им следува месечен паричен надомест од 7.596 денари.
Со овие измени до пензија ќе бидат материјално обезбедени вкупно околу 5.000 стечајци од фирми со доминантна државна сосптвеност.
Кругот на користсници на оваа помош се прошири откако со законските измени се опфатија и работниците од државните фирми кои се приватизирале, но не го смениле матичниот број, односно го задржале од основањето до влегувањето во стечај. Претходно, паричната помош од нешто над 100 евра им беше достапка на работниците чии фирми отишле во стечај како државни.
Поголема флексибилност е дадена и со условот за потребната возраст која треба да ја има невработеното лице, а тоа е 52 години за жени и 55 години за мажи. Лицата кои бараат материјален надоместок условот за возраста треба да го исполнуваат во моментот на поднесувањето на барањето за остварување на правото за материјално обезбедување, а не од моментот на стапување на сила на постојниот закон, како што беше досега.
– Со оваа мерка се решава проблемот со статусот на стечајните работници и се исправа долгогодишната неправда кон овие граѓани, кои не по своја вина останале без работа и долго време беа без никакви приходи, изјави пратеничката на СДСМ Јагода Шахпаска.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека проблемот не е целосно решен, зашто уште над 7.000 стечајци се надвор од опфатот на Законот.