Заинтересираните лица може да се пријават за добивање субвенциониран станбен кредит во Стопанска Банка, НЛБ Банка, Охридска Банка, Шпаркасе Банка, Стопанска Банка Битола, ТТК Банка, Силк Роуд Банка и ПроКредит Банк.

Сите заинтересирани граѓани за добивање субвенции за стабен кредит, можат да ги поднесат своите апликации од 1 јануари 2020 година до 31 декември 2020 година, објави Министерството за финансии.

Оттаму велат дека сите граѓани кои се заинтересирани за добивање субвенциониран станбен кредит можат да аплицираат за:

За купување на нов стан со субвенција на дел од месечна рата во кој Владата ќе плаќа 50% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот за лица со возраст над 35 години, односно 70% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот за млади лица до и со наполнети 35 години.

Каматната стапка изнесува 2,9% за првите три години, 3,9% за четвртата и петтата година.

За субвенција на дел од учество Владата ќе плати 50% од учеството потребно за добивање кредит, најмногу до 6.250 евра за лица со возраст над 35 години. Владата ќе плати 70% од учеството потребно за добивање кредит, најмногу до 8.750 евра за млади лица до и со наполнети 35 години.

Каматната стапка изнесува 6-месечен ЕУРИБОР + 4 процентни поени за целото времетраење на отплатата на кредитот.

Субвенцијата e неповратна во случај на редовна отплата на станбениот кредит, како и во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 10-тата година од отплатата на кредитот за овие модели.

По истекот на 5-тата година од отплатата на кредитот за овие модели, корисникот на субвенциониран станбен кредит има право да изврши еднократна делумна отплата со сопствени средства, но не повеќе од 20% од преостанатата главница од кредитот.

Изградба/купување на нова куќа со субвенција на дел од месечна рата Владата ќе плаќа 80% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот за лица со возраст над 35 години. Владата ќе плаќа 60% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 3 години од отплатата на кредитот, 50% од месечниот ануитет во следните 5 години и 40% од месечниот ануитет во следните 3 години од отплатата на кредитот за млади лица до и со наполнети 35 години.

Каматната стапка изнесува 2,9% за првите три години, 3,9% за четвртата и петтата година.

Субвенција на дел/цело учество Владата ќе плати 80% од учеството потребно за добивање кредит, односно најмногу до 10.000 евра во денарска противвредност за лица со возраст над 35 години. Владата ќе го плати целосниот износ од учеството потребно за добивање кредит, односно најмногу до 12.500 евра во денарска противвредност за млади лица до и со наполнети 35 години.

Каматната стапка изнесува 6-месечен ЕУРИБОР + 4 процентни поени за целото времетраење на отплатата на кредитот.

Субвенцијата е неповратна во случај на редовна отплата на станбениот кредит. Субвенцијата е неповратна во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 10- тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на дел од месечната рата за лица со возраст над 35 години и за моделот субвенција на 80% од учеството. Субвенцијата е неповратна во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 12-тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на дел од месечната рата за млади лица до и со наполнети 35 години и за моделот субвенција на 100% од учеството.

По истекот на 5-тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на дел од месечната рата за лица со возраст над 35 години и за моделот субвенција на 80% од учеството, односно по истекот на 11-тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на дел од месечната рата за млади лица до и со наполнети 35 години и за моделот субвенција на 100% од учеството, корисникот на субвенциониран станбен кредит има право да изврши еднократна делумна отплата со сопствени средства, но не повеќе од 20% од преостанатата главница од кредитот.

За надградба/доградба на куќа за субвенција на дел од месечна рата Владата ќе плаќа 75% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот за лица со возраст над 35 години. Владата ќе плаќа 50% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 3 години од отплатата на кредитот, 40% од месечниот ануитет во следните 5 години и 30% од месечниот ануитет во следните 3 години од отплатата на кредитот за млади лица до и со наполнети 35 години.

Каматната стапка изнесува 2,9% за првите три години, 3,9% за четвртата и петтата година.

Субвенција на дел/цело учество Владата ќе плати 75% од учеството потребно за добивање кредит, односно најмногу до 9.375 евра во денарска противвредност за лица со возраст над 35 години. Владата ќе го плати целосниот износ од учеството потребно за добивање кредит, односно најмногу до 12.500 евра во денарска противвредност за млади лица до и со наполнети 35 години.

Каматната стапка изнесува 6-месечен ЕУРИБОР + 4 процентни поени за целото времетраење на отплатата на кредитот.

Субвенционирање на кредит за сите модели се одобрува за станбен кредит чиј износ не надминува 50.000 евра и рок на отплата не пократок од 20 години. Продажната цена на станбениот објект со пресметан ДДВ треба да изнесува до 900 евра за метар квадратен. Кредитобарателот не треба да има негова сопственост, во сосопственост или заедничка сопственост со брачниот другар или во сопственост на брачниот другар стан, односно куќа, или да има во негова сосопственост или во сосопственост на брачниот другар, дел од стан/куќа или делови од повеќе станови/куќи кои се стекнати по основ на наследство или дар, а чија вкупна вредност не надминува 30.000 евра.

Заинтересираните лица може да се пријават за добивање субвенциониран станбен кредит во Стопанска Банка, НЛБ Банка, Охридска Банка, Шпаркасе Банка, Стопанска Банка Битола, ТТК Банка, Силк Роуд Банка и ПроКредит Банк.