Министерството за финансии по првите емисии на граѓанската и зелената обврзница, денеска го објави проспектот за втората емисија граѓански обврзници на износ од 600 милиони денари. Граѓаните од денеска до 6 ноември имаат можност да запишат граѓански обврзници за кои, вели министерот Фатмир Бесими, и овојпат е понудена атрактивна каматна стапка од 5 отсто. Минималниот износ кој граѓаните ќе можат да го вложат во овој иновативен финансиски инструмент e 10.000 денари. Рокот на достасување е две години и на имателот на обврзницата ќе му донесе вкупен принос од 10 отсто.
На првата аукција на граѓанската обврзница граѓаните пројавија два пати поголем интерес од износот кој беше објавен со проспектот. И беа запишани граѓански обврзници во износ од 1.448.030.000 денари.
Тоа покажува дека пазарот има потреба од нови и креативни инструменти кои носат бенефит за граѓаните од една страна, а се во функција на развојните проекти на државата.
„Граѓанската обврзница е сигурен и безризичен инструмент, кој на граѓаните им е достапен на многу едноставен начин. Заинтерсираните за запишување на граѓански обврзници можат да се обратат на шалтерите во комерцијалните банки каде ќе поднесат барање за учество на аукцијата. Аукцијата ќе се одржи на 6 и 7 ноември годинава“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Покрај Граѓанската обврзница, како нов производ на пазарот беше воведена и зелената обврзница, за која, исто така, на првата аукција беше изразен голем интерес од страна на инвеститорите.
Граѓанската и зелената обврзница, како и проектната и развојната, што ќе бидат воведени во наредниот период, се предвидени со Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност, Стратегијата за управување со јавниот долг и Планот за забрзан економски раст.