Oсигурителните компании ќе бидат обврзани, во рок од 5 дена, сите измени кои ги прават во општите и посебните услови на полисите за осигурување да ги објават на својата веб-страна. Ова се дел од измените и дополнувањата кои Министерството за финансии ги направи во Законот за супервизија на осигурување, со цел заштита на правата на потрошувачите, како и подобра информираност и поголема транспарентност.

 

Во насока на обезбедување на целосно ликвидни средства за непречено сервисирање на обврските на друштвата за осигурување, предложено е дополнување на законот. Согласно предложената одредба, акционерскиот капитал на друштвото за осигурување мора да биде само во паричен облик и да биде уплатено во целост.

Од особена важност за осигурителната фела, поточно актуарската професија, е предложената измена во законот со која се предвидува нов концепт за полагање на испитот за актуар. Досегашниот електронски начин на полагање се покажа како неприменлив во пракса, поради што и подолг период не се одржал испит за актуари. Со измената на законот, повторно се отвора оваа можност за професионалците од осигурителната фела.

Измените и дополнувањата на законот се влезени во собраниска процедура.