Владата бара решение за Фабриката за шински возила „Велес“ попозната како Колска и решение ќе се најде со сигурност, вети при денешната посета на Велес премиеро Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање. Воедно информира дека во заеднички договор со вицепремиерот и министер за сообраќај и врски Александар Николоски, во понеделни вработените на Колска ќе добијат плата.
Премиерот Мицкоски појасни дека кога биле избрани за Влада, дел од вработените на Колска, кои го организирале вчерашниот штрајк им велеле, не барајте решение, дајте да си одиме во стечај и потоа во пензија.
Вработените на Колска, околу педесетина, вчера протестираа во кругот на фабриката поддржани од фабричкиот синдикат на Колска и ССМ.
Тие бараат да им се исплати плата за декември и К-15 за лани, како и да добијат здравствено осигурување, а во спротивно се заканија дека во понеделник ќе го блокираат железничкиот сообраќај на станицата во Велес.
Како претпријатие во државна сопственост побараа да ги посети премиерот Христијан Мицкоски и други претставници од Влада и вицепремиерот и министер за сообраќај и врски Александар Николоски.
Колска од декември лани е во стечајна постапка а првото првото рочиште со доверителите, судот во Велес го закажа на 19 март годинава.
Воедно работниците побараа и понатаму редовна исплата на плати и надомести.