За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски.
„Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“ рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања пред затворењето на Самитот Македонија 2025.
На прашањето дали Унгарија е земјата со која нашата држава ќе повлече заем до една милијарда евра, Мицкоски одговори дека се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат.
„Заемот до една милијарда евра под исклучително поволни услови, кој би се повлекол со друга држава, на ниво влада со влада, за финансирање на лошите договори на актуелната влада, државите кои ги спомнуваа не се тие. Се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат“ рече Мицкоски.