Премиерот Христијан Мицкоски не неговиот официјален фејсбук профил објави дека денеска во Владата одржал средба со менаџментот на ЛИДЛ, на која бил информиран за потешкотиите и административни пречки со кои се соочувал германскиот ланец маркети од претходната Влада.

-Денес имав средба со дел од менаџментот на ЛИДЛ кој подолго време превземаат активности за почеток на инвестицијата во државата. Разменивме информации за бројните потешкотии и административни бариери со кои се соочувале од претходната Влада. Инвеститорите кои сакаат да вложат во економскиот прогрес и ќе вработат македонски граѓани не смеат да бидат ставени на страна. На брза трака ќе го откочиме процесот и за брзо ќе ги имаме ланците на маркети ЛИДЛ, стои во објавата на фејсбук профилот на премиерот Мицкоски.

ЛИДЛ е најголемиот европски синџир за малопродажба на храна. Заедно со Кауфланд е дел од групата SCHWARZ чие седиште се наоѓа во Некарсулм, Германија. Присутен е во 31 земјa, каде оперативно работи со околу 12.000 продавници и вработува повеќе од 360.000 луѓе. ЛИДЛ од септември 2021 година е присутен и во земјава.