Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска пред медиумите соопшти дека одлуката на Уставниот суд да се поништи т.н. солидарен данок е конечна и мора да се почитува, а оти сите засегнати субјекти имаат легитимно право да си побараат надомест на име затезна камата.
Тој на прашање на новинарите рече дека нема намера да ја коментира одлуката на Судот, а дека во рамки на Владата заедно со Министерството за финансии ќе направат мапирање на односните компании, ќе се разговара со нив и ќе биде изнајдено решение.
– Како и за се друго, и за ова ќе најдеме решение. Сигурен сум дека на крајот на денот заедно ќе го премостиме и овој проблем, како и стотиците други кои ги поминавме минатите месеци, рече тој, истакнувајќи дека се разгледува и можноста да се побара и одговорност за настанатата ситуација.
Уставниот суд вчера донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок, така што државата на 156 компании ќе треба да им врати средства во износ од речиси 50 милиони евра.
Данокот на солидарност беше воведен во 2023 година како еднократна, вонредна јавна давачка. Со оданочувањето беа опфатени компании кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари. а со цел да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.
Мицкоски рече дека уште тогаш кога се одлучувало за воведување на т.н. солидарно оданочување предупредувал дека ќе дојде време за наплата односно ќе треба да се вратат собраните средства.
– Уште тогаш на состаноците со претставниците на меѓународни финансиски институции лично име велев дека некој ден некој ќе мора да го врати тоа дивеење. И сега наместо нови 50 милиони за нешто друго, ние ќе мора да враќаме хирови на нечии грешки од минатото, рече тој.