Премиерот Мицкоски контра СДСМ и унгарскиот истражувачки портал Ви-сквер. Тврди дека кредитот од 500 милиони евра, што вчера го одобри Собранието, не е заем од Кина туку од земја членка на Европската Унија и на НАТО.

-Само македонската опозиција успева на еден чуден начин, кој на никого не му е јасен, да го најде потеклото на средствата на овој заем. Тоа е исто како во чаша вода од три шишиња да истурите по една третина од секое шише и да кажете: првата третина е од ова шише, втората третина е од ова, третата третина од ова… Чудни некои логики гледам на политичката сцена од страна на македонската опозиција, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Како дополнителен аргумент, Мицкоски ги наведува обвинувањата кон премиерот Виктор Орбан дека зема поскапи кредити за својата земја, а на Македонија ѝ дава поевтини. Ги потсетува социјал-демократите дека и тие соработувале со кинески фирми, како во договорот за автопатот Кичево-Охрид.

Во скромната собраниска расправа, екс министерот Фатмир Битиќи ја постави дилемата дали парите доаѓаат од Кина или од Унгарија и дали е ова „замка што ќе ја одведе Македонија во политичка подреденост кон авторитарни режими“.

-Дали ова навистина се унгарски или кинески пари? За ова граѓаните заслужуваат одговор. Не треба да бидеме наивни. Ваквите заеми не доаѓаат без политички услови. Нивното финансирање може да ја засили зависноста од режими кои се познати по авторитарни практики и ерозија на демократијата, рече Фатмир Битиќи.

Идејата за кинеското потекло на унгарските пари ја пласираше и истражувачкиот портал Ви-сквер со седиште во Будимпешта, во чиј фокус се руското и кинеското влијание. Минатата недела изнесе сомнение дека Унгарија е параван на Кина во финансиската поддршка на Македонија. Се споменува поврзаноста на нашиот со кредитот од една милијарда евра што во април годинава Унгарија го зеде од Кина. Веќе во мај, Мицкоски најави „финансиски пакет за стратешки проекти од една милијарда евра во соработка влада со влада“, а во јули годинава со Орбан договорија заем од 500 милиони евра. Законот за земање заем вчера беше изгласан во Собранието со 65 гласа за и 15 против.