Додека Ковачевски негира дека се зголемени цените, Мицковски обвинува:
На владина седница за во вторник е закажано преиспитување на одлуката за раст на ДДВ-то од 5 на 10 отсто на одредени производи како што се сирењето, урдата, лутеницата, феферонките … Реакциите од незадоволните граѓани почнаа деновиве, оти не се зголемија само цените на луксузните производи како морска храна, скапа риба, кавијар и перки од ајкула, тартуфи… како што беше најавено од Владата. Премиерот Димитар Ковачевски, сепак, убедува дека имаме најнизок ДДВ во регионот. Според него, околу 1.600 производи се даночат со 5%, а останатите наместо со 18, со 10 отсто, со можност на најавената владина седница да има корекција кај неколку артикли.
По растот на цените на голем број основни животни продукти, поради растот на ДДВ-то од 5 на 10 отсто, што наиде на бројни реакции од граѓаните, здруженијата и од опозициските партии, за во вторник на владина седница е закажано преиспитување на оваа одлука. Дополнително ќе се анализира за да се утврди дали има одредени производи кај кои треба да се коригира даночната стапка. Реакциите од граѓаните почнаа деновиве, откако на листата не се најдоа само луксузните производи како морска храна, скапа риба, кавијар и перки од ајкула, тартуфи… како што беше најавено од Владата.
Јавноста беше затечена кога се зголеми стапката на ДДВ-то од 5 на 10 отсто на речиси сите видови млечни производи како сирење, урда, зденка, павлака за готвење, како и пармезан, ајдемер, гауда, џигер, сладолед, чипс, литеница. За власта, луксуз е да се јадат и чипс, овесни снегулки, сладолед, бонбони, еурокрем, тропско и сушено овошје, инстант кафиња, маслинки, цвекло, феферонки, наполитанки, компоти…
Премиерот Димитар Ковачевски, сепак, убедува дека имаме најнизок ДДВ во регионот. Според него, околу 1.600 производи се даночат со 5%, а останатите наместо со 18, со 10 отсто, со можност на најавената владина седница да има корекција кај неколку артикли. Тој уверува дека брашното не е на листата, како и сирењето и кашкавалот што се од домашни производители.
– Видов шпекулации дека ќе се покачи цената на брашното, но не е точно. Се шири хистерија за ова и сметам дека е непотребно. Така што овие производи што се произведуваат на 5%, и се однесува на 1.600 такви продукти што остануваат на 5%, имаме гарантирани цени што се оставени на стапки од 5%. Она што е направено е направено да го штити стандардот на граѓаните – вели премиерот Ковачевски.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак, смета дека е погрешно прочитана листата со производи, поради тоа што одлуката има два дела. Првиот дел е продукти што спаѓаат во повластената тарифа, односно повластената даночна стапка од пет отсто. Битиќи вети дека ако има пропусти, на следната седница на Владата ќе бидат решени. Но, тој е категоричен дека лошите навики на граѓаните, кои користат штетна храна, треба да се променат, особено храната што содржи повеќе шеќери.
– Ако трговците и производителите различно ја прочитале или не е доволно јасна, некој не знае дали, на пример, кравјото сирење треба да влезе во 5 или 10 отсто, можеме да ја објасниме и на следната владина седница, ако има такви пропусти, да ги решиме. Мора да кажеме што е тоа што сметаме дека треба да го стимулираме. Граѓаните имаат навики за храна што не е здрава, како чипс, гуми за џвакање, сладолед. Затоа сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 отсто. Оставаме простор да се ревидира ако е тоа дел од секојдневната исхрана на граѓаните – смета вицепремиерот, дополнувајќи дека млечниот намаз со висока масленост од овчо млеко треба да биде несекојдневен и треба да има стапка од 10 отсто.
Но, Битиќи не знаеше да одговори зошто ајварот останува со 5 отсто, а лутеницата со 10 отсто. Тој не сакаше да навлезе во дефиницијата што е луксуз. Рече дека може да е пропуст и дека нема проблем да се направи измена за десетина производи. Во однос на цената на јајцата и на оризот, тој кажа дека таа цена е поадекватна во овој временски период.
– Не е вистина дека има зголемување на цената на над илјада производи. Опфатени се 358 категории производи – додаде тој.
Бројни реакции за новите цени и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие сметаат дека власта ги поскапува основните прехранбени производи, затоа што нема пари во буџетот. Се очекува со одлуката за зголемување на ДДВ-то да се соберат 70 милиони евра во буџетот.
– Преку повисокиот данок, ќе се полни дупката од украдените пари – обвинува Христијан Мицковски, претседателот на најголемата опозициска партија.
По изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека 10 отсто е повластена стапка на ДДВ, со реакција се јави професорката Катерина Колозова, која вели дека главен проблем тука е што, како што нагласува, „не е зауздана трговско-увозната мафија“.
–Премиерот е во право, 10 отсто е повластена стапка. Но, трговско-увозната мафија ја нема зауздано. Има ли Владата економија и финансии, анализи, студии компаративни што ќе ги оправдаат цените? Фон дер Лајен вчера ја слушавте? Нема енергетска криза што може да ги оправда цените – одамна. Удрете по коренот на проблемот и решете го! Ние ве гласаме, не оние од коморите, газди на синџири маркети и увозници. Не ни е до тие 10 отсто, туку на колку се ставени десетте отсто – пишува Колозова на својот фејсбук-профил.