Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска ги потпиша договорите за кофинансирање на 7 нови проекти од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија во вкупна вредност од 1.236.000 евра.

„Задоволни сме што во првиот јавен повик на оваа програма имаме 98% искористеност на расположливите средства од Европската Унија, што зборува дека имаме добри проекти и добро управување со средствата од ЕУ, зашто прецизните правила и процедури мора да бидат испочитуваат до крај за во целост да бидат апсорбирани 85% од вкупните средства што ги обезбедува Европската Унија, но и оние 15% што ги обезбедува Министерството за локална самоуправа“, рече Милевски.

Министерот истакна дека до 8 јуни е отворен и вториот јавен повик за проекти од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија и ги повика учесниците, но и другите заинтересирани да аплицираат со нови проекти кои што ќе придонесат за развојот на пограничниот регион.

Како што информираат од ресорното министерство, програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија поддржува проекти кои што се насочени кон подобрување на условите за вработување, особено на младите, подобрување на соработката меѓу бизнисите, во областа на образованието, проекти кои што имаат за цел да ја намалат социјалната исклученост, како и проекти кои што ги активираат природните и културните потенцијали на регионот и придонесуваат за развој на туризмот.

Share