Владата на Република Северна Македонија донесе одлука да го раскине долгорочниот милионски договор за закуп на административно-деловен простор, кој беше склучен помеѓу Државната лотарија и компанијата „Хеј“ ДООЕЛ. Овој договор предизвика значителен интерес кај јавноста и институциите, што доведе до отворање на предистрага за потенцијални нерегуларности. Властите испитуваат дали во склучувањето на договорот има елементи на неправилности и злоупотреби.

„Владата ја разгледа и усвои информација за преземените активности за раскинување на договорот за закуп на административно-деловен простор помеѓу фирмата ‘Хеј’ ДООЕЛ Скопје и aкционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија“, соопштија од Владата.

Предмет на договорот бил деловен објект со четири ката и поткровје, лоциран во Визбегово, на само 7 километри од центарот на Скопје. Според информациите, фирмата „Хеј“ го купила земјиштето и објектот, а набрзо потоа склучила договор со Државната лотарија за закуп вреден 2,6 милиони евра за период од 10 години, со месечна кирија од околу 22.000 евра.

Сопственик на „Хеј“ е Асмир Јахоски, газда на една од водечките нафтени компании во земјата, „Пуцко Петрол“. Јахоски е син на Исмаил Јахоски, пратеник од редовите на ДУИ. Интересен е фактот дека Асмир Јахоски станал сопственик на „Хеј“ само лани, во октомври 2023 година. Претходно, компанијата била во сопственост на Армин Машовиќ, кој веднаш по продажбата останал управител на фирмата.

Машовиќ, кој ја формирал „Хеј“ во февруари 2023 година, ги купил деловните простории на местото на поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и склучил договор за закуп со Државната лотарија само неколку месеци по основањето на компанијата.

Оваа фирма, и покрај својот мал обем на вработени (имала само еден вработен), прикажала значителна добивка во своите финансиски извештаи. Според податоците од Централниот регистар, компанијата во 2023 година остварила приходи од над 30 милиони денари, од кои 25 милиони денари останале како чиста добивка.

Во периодот кога се склучувал договорот за закуп, директор на Државната лотарија бил Перпарим Бајрами, за кого тогашната опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, тврдеше дека е близок соработник на поранешниот вицепремиер Артан Груби.