Минатата година имавме рекордна сума искористени ИПА-средства, односно европските фондови кои ни се на располагање – неколкукратно повеќе во споредба со претходните години, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој се обрати на ставање во употреба на надградениот и осовремен граничен премин „Табановце“ како дел од кампањата „ЕУ за тебе“. На настанот обраќања имаа и претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски.

„Во 2017 за проекти од ИПА-фодовите се искористени 83,2 милиони евра. Тоа е два и пол пати повеќе од 2016 година кога се исплатени 32 милиони евра. Повеќе е и во споредба со 2015 година, кога се исплатени 51 милион и 2014 со 31 милион искористени ИПА-средства“, истакна во своето обраќање министерот за финансии.

Тој посочи дека Владата ќе настојува и во иднина искористеноста на европските фондови за проекти да биде уште поголема. Во август 2017 година Владата направила план за подобрување на користењето на ИПА. Тој предвидува поголема политичка посветеност, одредување приоритетни проекти, подобра екипираност и следење на правилата и препораките на ЕУ.

Како што истакна министерот за финансии, на настанот посветен на визибилност на поддршката на Европската Унија за транспортните проекти во земјава, приоритет на Владата е подобрување на транспортната мрежа и изградба на инфраструктурата.

 

„Европската Унија се заснова на практикување четири основни слободи – слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе. Транспортниот сектор тука има многу важна улога. За да се практикуваат овие слободи, потребна е развиена и модерна инфраструктура. Развојот на транспортната инфраструктура е еден приоритетите на оваа Влада“, рече Тевдовски.

Осврнувајќи се на денешниот настан, министерот истакна дека со проекти како модернизацијата и проширувањето на еден од најфреквентните гранични премини, се подобруваат услугите на Царинската управа кон граѓаните и фирмите.

„Со неговата модернизација и надградба, очекуваме значително да се забрза протокот на возила и да се намали времето на задржување на граничниот премин. Ова значи дека граѓаните и превозниците помалку ќе чекаат при премин, а услугата што ќе ја добиваат ќе биде подобра“, рече Тевдовски и додаде дека кон подобрување на услугата дополнително придонесува Транзитниот компјутеризиран систем кој овозможува движењето на стоките кон и од ЕУ и ЕФТА државите да се одвива со еден документ во електронска форма.

Тевдовски образложи дека се предвидени и повеќе реформи во Програмата за реформи во управување со јавните финансии за унапредување на квалитетот на услугите на Царината.

Модернизираниот и проширен граничен премин „Табановце“ е проект поддржан од ИПА-средства и предвидува изградба на две нови ленти за товарни возила, надградба и модернизација на објектите. Ова ќе придонесе кон подобрување на капацитетот на граничниот премин кој сервисира 25 проценти од вкупниот број премини на товарни возила во земјава.