На почетокот на наредната година минималната плата ќе се зголеми за најмалку 10 отсто, рече министерот за економија Крешник Бектеши. Инфлацијата во делот на прехраната би требало да биде околу 5 – 6 отсто, а генералната, рече Бектеши, од 7 – 8 проценти. Според него, почнувајќи од јули годинава, зголемувањето на платите го надминува зголемувањето на инфлацијата.
Согласно сите податоци и методологијата утврдена од страна на Владата за зголемување на платите, почнувајќи од минималната плата, на почетокот на наредната година согласно сите податоци и тие што ги имаме како институции, минималната плата ќе се зголеми со минимум 10 отсто, пошто имаме 14 проценти зголемување на просечната плата. Инфлацијата би требало да биде околу 5 – 6 отсто во делот на прехраната, а генералната од 7 – 8 проценти. На таков начин, зголемувањето на платите го надминува зголемувањето на инфлацијата, почнувајќи од јули годинава. Зголемувањето ќе биде уште поголемо до крајот на годината и со одлуките на Владата, но и со праксите и начините како работат посебно поголемите маркети, истакна Бектеши.
Министерот укажа на последната објава од Заводот за статистика според која, просечната плата е зголемена за 14,1 отсто во споредба со јули минатата година.