Од март во Македонија минималната плата изнесува 24.379 денари (396 евра) и е за 155 евра пониска од најниската што се исплатува во земјите од Европската Унија. Минималната плата треба да расте, бидејќи нејзината примарна функција е да го зачува животниот стандард на најниските приматели на плата. Како процент од просечната плата, веќе се доближува до 60 проценти и мислам дека е соодветна, оцени Марјан Петрески од „Фајнанс тинк“.

– Кога зборуваме за минималната плата, треба да внимаваме на два аспекта. Првиот е што ќе значи дополнителниот товар за економијата и за оние што треба да ги исплаќаат тие плати или што ќе значи за буџетот ако се префрли тој товар на буџетот. Вториот аспект е што може да предизвика поголемата маса средства во економијата за цените, односно за инфлацијата. Во моментов, движењата се поволни, во последниот месец имаме подобрување во смисла на намалување на цените и вкупно и особено кај храната. Мислам дека политиките треба да бидат особено внимателни за да не се наруши таквиот тренд – изјави Петрески.

Посочи дека за разлика од растот на минималната плата, линеарното зголемување на пензиите на некој начин било спротивно на идејата за фискална консолидација.

– Кај платите, реалниот раст, односно оној раст кога ќе се земе предвид инфлацијата, сè уште останува позитивен и е понизок од минатата година. Се намалува растот, но останува во позитивната зона. Во делот на пензиите, мојот став останува конзистентен дека растот што го видовме е премногу голем и придонесува за вкупната потрошувачка и на цените, а влијае и врз буџетот – заклучи Петрески.