Синдикатите пресметаа дека од следната година минималната плата во Бугарија треба да се зголеми за 15,4 отсто и да биде околу 500 евра. Пресметките се врз основа на податоците на Националниот статистички институт (НСИ) за висината на просечната плата во земјава во вториот квартал и механизмот донесен пред година и пол за утврдување на минималната плата. Според правилата, минималната плата сега се пресметува како 50% од просечната бруто-плата за четири квартали од средината на оваа година. А по покачувањето, кога ќе се платат даноците на минималната плата, луѓето што ќе ја земаат сепак ќе добијат нешто под 500 евра.
„Овие пари нема да ни овозможат да го достигнеме нивото на минималните плати во другите земји, но ќе ни овозможат да го надоместиме заостанувањето што се случи во последните години“, коментира Љубослав Костов, главен економист на КНСБ. Сепак, според Бугарската стопанска комора (ССК), земјата мора да ја почитува директивата на ЕУ за минимална плата. Според Стопанската комора, со директивата се бара при утврдувањето на минималната плата да се има предвид инфлацијата која сега е ниска, како и продуктивноста на трудот. Во септември се очекува владина уредба за новата минимална плата. Од објавените податоци за просечната плата се гледа дека таа расте, но расте и разликата меѓу таа во главниот град и останатиот дел од државата, забележува бТВ.