Во споредба со минатиот месец, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во мај е намалена за 0,04 п.п. и изнесува 6,29%, соопшти Народната банка.
„Надолната месечна промена кај оваа категорија се должи на намалувањето кај сите нејзини компоненти: каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,07 п.п.), како и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и девизните кредити (за 0,03 п.п. и 0.01 п.п., соодветно). На годишна основа оваа каматна стапка бележи пад од 0,24 п.п“, соопшти НБРМ.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата во мај изнесува 5,57%, при евидентирано месечно намалување од 0,02 п.п.
„Притоа, падот кај оваа категорија произлегува од намалувањето на каматните стапки на девизните кредити и денарските кредити со валутна клаузула (за 0,15 п.п. и 0,09 п.п., соодветно), додека каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула остана иста. Кај оваа каматна стапка е забележано намалување од 0,20 п.п. на годишна основа“, информираат од НБРМ.