Mинистерката за финансии Нина Ангеловска учествува на 25. финансиски форум на Централна и Источна Европа „Еуромани”, на панел-дискусијата на министри на која ќе бидат дискутирани влијанието на евроинтеграциите на бизнис-климата во земјата и на потенцијалните инвеститори, економските движења, како и потенцијалот на е-трговијата да придонесе во развојот на економијата.

На панел-дискусијата ќе учествуваат и министерот за финансиски политики на Унгарија Габор Гион, министерот за финансии на Романија Флорин Читу и заменик-министерката за финансии на Бугарија Маринела Петрова.

Ангеловска, исто така, ќе учествува на панел-дискусијата организирана од страна на Уникредит на тема „Фискални предизвици во изборна година”, на која ќе се зборува за јавните инвестиции, за наплатата на приходи, како и за фискалните проекции.

На маргините на форумот, Ангеловска ќе оствари средба со Јирген Ригтеринг, прв потпретседател на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На средбата ќе стане збор за досегашната соработка на земјава со банката, за тековните проекти, како и за идни проекти што ЕБОР би можела да ги финансира, соопшти Министерството за финансии.

На 25. форум „Еуромани” има над 1 000  учесници – министри за финансии, гувернери на централни банки, раководители на финансиски институции и инвеститори, меѓу кои и гувернерката на нашата Централна банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Како што најави НБРМ, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе биде говорничка на првата панел-дискусија посветена на монетарната политика, во чиј фокус ќе бидат предизвиците за глобалната економија и економиите на ЦИЕ оваа година, во контекст на поставеноста на монетарната политика и очекуваните движења на финансиските пазари. Предвидено е да се разговара и за приоритетите во унапредувањето на супервизијата на банкарските системи во регионот и во активностите за намалување на готовината во економиите.

Во рамките на форумот ќе се разгледаат и други прашања важни за економиите во ЦИЕ, при што ќе им биде посветено внимание и на принципите во управувањето со ризиците во банкарското работење, како и на развојот на финтек-секторот и предизвиците што тој ги носи со себе, од една страна за платните системи, а од друга страна и за банкарскиот сектор. Ангеловска-Бежоска активно ќе се вклучи и во дискусијата за некои од тие прашања.

„Еуромани”, поради форматот и големиот број учесници, е еден од најважните настани од економијата и финансиите во регионот на ЦИЕ и претставува одлична можност за средби помеѓу носителите на политиките, како и претставниците на банкарскиот сектор, учесниците на финансиските пазари и инвеститорите.