Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски најави дека до крајот на годинава треба да заврши реорганизацијата на државната администрација. Со неа е предвидено да се намалува бројот на административци некаде, некаде да се зголемува, а ако е потребно и да се затворат некои институции. Манчевски најави дека непотребните лица од јавната администрација ќе бидат нудени во приватниот сектор, каде според него, тие би биле повеќе мотивирани за работа.
Ова беше кажано на денешната втора јавна расправа за измени на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници. Како што истакна министерот Манчевски, целта со измената на двата закони заедно со останатите реформи во јавната администрација е да се промени климата за работа на јавната администрација, законите да одговараат на реалната состојба и да резултираат со регрутација на квалитетен административен кадар.