Еден милион евра се очекува да изнесува буџетската дупка со владината одлука за намалување на увозните давачки на некои видови овошје и зеленчук, но со неа, според министерот за финансии, значително ќе се влијаело на цените на овие производи. Колкави негативни ефекти врз Буџетот има укинувањето на овие давачки, Бесими рече дека клучно било намалувањето на цените, а не буџетските финансиски импликации.
- Главната цел беше да се влијае на цените на овие производи за да бидат пониски на пазарот, а фискалните давачки не беа приоритет особено поради фактот што се работи за автономни мерки со времено траење. Сметавме дека ќе се влијае директно позитивно на пазарот затоа што вкупните давачки, и царински и даночни, за овие производи достигнуваат 65 проценти и сметавме дека таму ќе има позитивно влијание. Но, фискалните импликации се помалку поради МФН правилата на повластени тарифи, согласно Светската трговска организација во голем дел имаме нула тарифа, а во некои имаме и квантитативни мерки. Според некои првични проценки од тоа што го гледавме нема да достигне милион евра вкупниот фискален ефект од овие мерки, а во стопанството во нашата економија значително ќе влијае на цените на овие производи, изјави Бесими.
Како дојдовме до тоа дереџе да субвенционирано овошје и зеленчук се извезува, а истите трговци да увезуваат поскапо овошје и зеленчук, министерот Бесими рече дека сме либерална економија согласно Договорот за стабилизација и асоцијација.
- По основ на тие меѓународни договори сме земја која е со слободна трговија на овие производи, вклучително и дел од земјоделските производи. И во текот на 2021 година имавме закон со кој за голем дел од производите беа намалени царинските давачки, така што и во овој дел тоа е во однос на интеграциите. Но, во однос на субвенциите главно е поддршка на домашното производство и во рамки на меѓународни договори даваме можност со автономни мерки на пазарот да влезат производи со пониски крајни цени на потрошувачи, рече Бесими.