Министерството за економија и труд, во согласност со својата посветеност на заштита на правата на потрошувачите, денеска објави јавен повик за доделување финансиски средства за реализација на програми и проекти од страна на здруженијата на потрошувачите во рамките на Програмата за заштита на потрошувачите за 2024 година. Финансиските средства од оваа програма се намененети за реализација на програми и проекти од страна на здруженијата на потрошувачите.

Преку оваа финансиска поддршка Министерство за економија и труд доделува финансиски средства за реализација на програма (проект) за заштита на потрошувачите во износ од 300.000,00 денари до 500.000,00 денари во согласност со доставените предлог-програми (проекти) за заштита на потрошувачите до исцрпување на финасиските средства предвидени за овој повик, на невладините организации за заштита на потрошувачите за обезбедување информации и помош за потрошувачите.

„Оваа иницијатива е дел од нашите постојани напори да се подобри квалитетот на животот на сите граѓани и да се зајакне нивната заштита и права. Ги охрабруваме сите здруженија на потрошувачите да ја искористат оваа можност и да аплицираат за финансиска поддршка, која ќе им овозможи да реализираат значајни проекти за доброто на потрошувачите. Овој повик е доказ за нашата посветеност кон транспарентноста, правичноста и инклузивноста во креирањето политики што ги подобруваат условите за живеење на сите граѓани. Повеќе информации за условите за аплицирање, висината на финансиските средства и рокот за доставување на барањата можете да најдете на нашата веб-страница www.economy.gov.mk. Ве повикуваме заеднички да придонесеме за зајакнување на потрошувачките права во нашата земја. Крајниот рок за поднесување на апликациите е најдоцна до 16 часот на 20.9.2024 година“, велат од Министерството за економија.