Врз основа на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2024 година, Министерството за економија и труд предводено од министерот Бесар Дурмиши го објави Јавниот повик за кофинансирање на иновативни, истражувачки и развојни проекти поврзани со паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација во областа на домените дефинирани во согласност со Стратегијата за паметна специјализација.
Оваа стратегија е реализирана во партнерство помеѓу академијата и бизнисот, како и други фактори од четворниот хеликс.
Предмет на Јавниот повик е развој и имплементација на проекти во рамки на кои ќе се воспостави и формализира долгорочна соработка меѓу чинители од четворниот хеликс и други заинтересирани страни.
Проектите треба да поттикнат специјализација, зелена и дигитална трансформација во приватниот сектор со користење на услуги од академијата за пренос на знаење, иновации и технологии, за креирање на нови или подобрување на постоечките производи, услуги и процеси со високо додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на домашниот и на меѓународните пазари.
Од резултатите од реализацијата на овој проект, Министерството за економија и труд очекува да придонесе за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачката индустрија и домените од Стратегијата за паметна специјализација.
Јавниот оглас е објавен на веб-страната на Министерството за економија и труд и за оваа мерка се предвидени вкупно 15.000.000 денари од буџетот на министерството.