Најголемите поскапувања на храната почнаа во истиот момент кога престанаа првите мерки, па во првата половина на јуни некои производи поскапеа по неколкупати. Августовските поскапувања се речиси минорни и само се надоградија врз претходните – велат дел од трговците
Први јуни, а не први август требаше да биде основа за новото замрзнување на цените на храната, ако Владата сака народот да види аир од новите антикризни мерки, брифираат трговци за „Слободен печат“. Дел од нив ни покажаа и куп ценовници, кои производителите им ги лиферувале неколку денови откако заврши тримесечното замрзнување на маржите на храната, кое траеше од 1 март до крајот на мај годинава.
Тие тврдат дека тогаш почнале масовните поскапувања, прво на млекото и млечните производи, тестенините, на месото и сувомеснатите производи, кафето, бисквитите. Ова беше проследено и со огромен скок на зеленчукот и овошјето, што сè заедно предизвика огромен револт кај граѓаните.
Откако обелодени дека од среда ќе има поевтинување на цените за 10 отсто на 50 прехранбени производи, а од петокот ги снема акциите, викендов беше забележително намален прометот во трговијата. Граѓаните ги вршеа само неопходните купувања, а се воздржаа од посериозни набавки.
– Имате акции? Ако нема производи со црвена или жолта етикета, нема да купуваме. Откако млечните производи и месото поскапеа за 40 отсто, сега ќе се намалуваат цените за 10 проценти, па ќе се замрзнуваат. Крајно апсурдно – реагираа граѓаните во маркетите. Таму, пак останаа акциите само на хигиенските производи и некои хемиски средства, а на акција се рекламираа само некои безалкохолни пијалаци и минерални води, како што е дозволено со владината одлука.
– Што за вас како потрошувачи значи ако сега цената на кравјиот кашкавал се симне за 20 до 30 денари според референтната цена од 1 август? Друго ќе беше сега да се замрзне цената на нивото од јуни, е тогаш поевтинувањето ќе биде и над 100 денари од килограм. Најголемите поскапувања на храната почнаа во истиот момент кога престанаа првите мерки, па во првата половина на јуни некои производи поскапеа по неколкупати. Августовските поскапувања се речиси минорни и само се надградија врз претходните – велат дел од трговците со кои разговаравме.
Сумирано излегува дека иста останала само цената на белиот и на полубелиот леб, сечен или векна со тежина од 450 грама, чија што цена беше замрзната до 30 мај, кој и по одмрзнатата маржа, остана на 33 денари. Иако, ослободени од обврската да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на леб од најмалку 80 отсто од производството во декември 2022 година, пекарите не ја намалија испораката, нити пак ја зголемија цената на основниот леб. И сега со маржата од 10 отсто, цената на лебот остана иста.
Од партијата Алтернатива, наместо замрзнување на цените, бараат да се поделат ваучери за социјално ранливите категории граѓани.
– Анализите со кои располагаме говорат дека од мерката „замрзнување на прехранбените производи“, заштедите достигнуваат до 1.500 денари, што е далеку од потребата на месечната потрошувачка кошничка. Оттука, сметаме дека во ова време на економска криза и сиромаштија, итно решение е финансиската помош при распределба на социјалните купони (ваучери) за социјално ранливите групи, категориите на граѓаните со ниски примања и пензионерите, но овој износ што не смее да биде помал од 30 отсто од минималната плата – соопштија од Алтернатива.