Додека владата ги ограничува маржите на трговците, во најава ново зголемување на цените на млекото и млечните производи.

Производителите очекуваат до крајот на годинава овие продукти да се зголемат за уште 20%. Марина Манева, сопственик на млекара за Канал 5 вели дека трошоците за производство им се зголемени за 60% во споредба со лани. Со поскапувања се соочуваат скоро секоја недела.

Единствена мерка со која владата засега се бори со инфлацијата е ограничени маржи, иако тоа досега не даде ефект. Според Манева ограничувањето на маржите не е решение за случувањата на пазарот. Потреба е поголема државна интервенција за стабилизиација на цените.

Претходно и мелничарите најавија дека ќе следи ново зголемување на цената на лебот за околу 10%.

Дека цените забрзано растат вчера пресмета и статистика која измери рекорден раст од близу 19%.

Синдикатите пак пресметаа дека ниту речиси три минимални плати не го крпат месецот. Алармираат антикризниот пакет помош да се објави што поскоро. Премиерот Ковачевски најави дека мерките се на самиот финиш и ќе биде познат веќе во наредните денови. Она што е познато е дека овој пат државна помош ќе има само за најранливите категории граѓани. Во игра е повторно враќање на ваучерите Купувам домашно.