Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја ревидираше својата прогноза за глобален економски раст за 2023 година малку повисоко, бидејќи прогнозите сега се подобри од претходно и за напредните економии и за големите економии во развој. Во новите податоци за изгледите за светската економија, ММФ наведе дека сега очекува светскиот економски раст да биде три отсто во 2023 година во споредба со 2,8 отсто што се очекуваше во претходната проценка во април, пренесува агенцијата Бета, повикувајќи се на АФП. Исто така, се очекува дека економската активност ќе остане на исто ниво и во 2024 година, без промени во однос на претходната проценка.
„Нашата проекција за оваа година се подобрува, а инфлацијата опаѓа. Ова се две добри вести“, изјави за АФП главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас, но додаде дека светот не е без проблеми и дека растот останува слаб, особено поради забележително забавување на активноста на напредните економии. Повеќето напредни економии, како што се големите економии во развој, се чини дека имаат подобри резултати од очекувањата на Фондот, иако речиси секаде постојат рестриктивни политики за борба против инфлацијата која останува „тврдоглаво висока“.
На овој план, ММФ очекува и благ напредок до крајот на годината, бидејќи инфлацијата може да достигне 6,8 отсто на светско ниво на крајот на годината, што е за 0,2 отсто помалку од предвиденото во април. Но, и инфлацијата ќе трае подолго: на крајот на 2024 година таа сепак треба да биде околу 5,2 отсто, додека во март институцијата очекуваше да биде за 0,3 процентни поени пониска од тоа. Во Групата седум најразвиени либерални економии, Германија треба да биде единствената што ќе има рецесија во 2023 година. Рецесијата изгледа се понеизбежна и поголема од очекуваното во април, па ММФ сега очекува пад на економската активност во Германија од 0,3 отсто во споредба со 0,1 отсто што ги очекуваше во април.