Глобалниот јавен долг би можел да достигне речиси 100 отсто од БДП до крајот на оваа деценија, надминувајќи ги нивоата забележани за време на пандемијата, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска. Бруто-домашниот производ се дефинира како вкупната пазарна вредност на сите произведени финални добра и услуги во една земја во одреден период (вообичаено, една година).
ММФ очекува јавниот долг да порасне за 2,8 процентни поени оваа година, што е повеќе од двапати побрзо од минатата година, со што ќе дојде до 95,1 отсто од бруто домашниот производ, пренесе „Блумберг“.
Експертите велат дека трговските тензии предизвикани од САД ќе го забават глобалниот економски раст и ќе ја зголемат нестабилноста на финансиските пазари.
Владите ширум светот ќе се соочат со спротивставени барања бидејќи се под притисок да го намалат задолжувањето, а истовремено да трошат за да ги зајакнат слабите изгледи за раст, рече ММФ.
Долгот би можел да порасне уште побрзо доколку трговските тензии не се смират во блиска иднина, како и поради очекувањата за повисоки воени трошоци од страна на некои земји.