Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за нашата земја предупреди на ризици и непосакувани ефекти по одлуката на македонската Влада за зголемување на минималната плата со цел да се подобри животниот стандард кај работниците со пониски примања.
„Нето-минималната плата кумулативно е зголемена за 44 отсто во изминативе две години, а во економската програма на Владата се предвидува таа да достигне 16.000 денари до крајот на 2020 година, што би довело до пораст од уште 10 отсто. Во услови кога порастот на минималната плата значително го надминува порастот на продуктивноста, дополнителни зголемувања може да и наштетат на конкуретноста“, пишува во извештајот.
Во него, се потенцира дека иако зголемувањето на минималната плата може да ја намали сиромаштијата кај работниците со ниски примања, тоа нема да влијае врз намалување на вкупната сироматшија во земјата.
„Зголемувањето на минималната плата не е мерка која е добро проектирана. Во 2018 година стапката на ризик од сиромаштија кај вкупното население беше 22 отсто, а кај работниците 9 отсто. Натамошно зголемување на минималната плата може да доведе до отпуштања и следствено до пораст на ризикот од сиромаштија“, велат од ММФ.
Оттаму укажуваат дека „дарежливите“ минимални плати може да ја поттикнат сивата економија.
„Ако минималните плати се превисоки во однос на продуктивноста, тоа може да ги одврати работодавачите од креирање формални работни места“, пишува во извештајот.