Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во извештајот објавен во понеделникот предупреди дека големите геополитички ризици, вклучително и трговските тензии, може да предизвикаат големи корекции на берзите, што потенцијално ќе доведе до нестабилност на финансиските пазари.
ММФ ги објавува овие предупредувања во поглавје од својот претстоен Извештај за глобална финансиска стабилност, наведувајќи дека геополитичките шокови, како што се војните, терористичките напади, зголемените воени трошоци и трговските бариери, сè повеќе влијаат на пазарите, особено од 2022 година, пишува Ројтерс.
И покрај тоа што ММФ директно не спомна конкретни настани, како што се неодамна воведените сеопфатни царини на американскиот претседател Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека таквите мерки спаѓаат во рамките на зголемените геополитички и трговски ризици.
Во придружниот блог, ММФ ги повика финансиските институции да обезбедат доволно капитал и ликвидност за подобро да се справат со потенцијалните загуби предизвикани од геополитичките шокови. Исто така, им беше препорачано да користат стрес тестови и други анализи за да ги идентификуваат и управуваат ризиците.
Според анализите на ММФ, големите ризици како војни, дипломатски тензии или тероризам, во просек ги намалуваат цените на акциите за еден процент месечно на глобално ниво, додека на пазарите во развој просечниот пад е околу 2,5 проценти месечно.
Најголемо негативно влијание на берзите има меѓународните воени конфликти, како војната во Украина во 2022 година, која го намали повратот на акциите во просек за пет проценти месечно, што е двојно повеќе од секој друг вид геополитички ризик.
Целосниот извештај на ММФ ќе биде објавен за време на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка, закажани за следната недела, а главна тема на разговор се очекува да бидат тарифните мерки на Трамп.
Минатата недела, пазарите ги доживеаја своите најголеми промени од пандемијата во 2020 година. Индексот S&P 500 падна за повеќе од 10 отсто откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари, додека цената на златото достигна рекордно високо ниво.