Според Стефани Верен Ебле, шефица на канцеларијата на ММФ за Западен Балкан, во моментов се преговара за аранжмани со Србија и Северна Македонија.

„Монетарната политика мора да ја одигра својата улога и тоа ќе има импликации и врз буџетот и врз растот. Монетарната политика мора цврсто да ја задржи инфлацијата и, во тој процес, да одржува транспарентност и целосна независност, или во спротивно ризикува помала ефективност на мерките на монетарната политика“, рече таа.

За време на пандемијата, монетарната политика ја надополнуваше фискалната политика, но сега фискалната политика мора да ја поддржува монетарната политика.

„Пред сè, со ограничување на побарувачката. Ќе биде потребна фискална консолидација. Платите во јавниот сектор треба да се воздржат, бидејќи тие покрај притисокот врз буџетот го зголемуваат и притисокот врз инфлацијата. Подобро да се одобрат еднократни бонуси отколку да се зголемуваат платите. Во исто време, јавните финансии ќе мора да ги таргетираат ранливите и да избегнуваат зголемување на инфлацијата. Ограничувањето на цените на струјата не само што е фискално прескапо, туку и не поддржува заштеда на електрична енергија. Владите треба да избегнуваат даночни намалувања“, го обелодени Ебле ставот на ММФ за фискалната политика и испрати порака до земјите кои бараат договор со ММФ за тоа што ќе треба да направат.

Според неа, на среден рок ќе треба да се зголемат јавните приходи со намалување на неформалниот сектор.

Таа укажа и на потребата од спроведување на транзиција кон ОИЕ за да се намали зависноста на регионот од фосилни горива.