Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во последната економска прогноза малку ги намали процените за глобалниот економски раст за 2020 година, поради посилното од очекуваното забавување во Индија и во другите земји, кои се во економски подем.
Сегашните процени на ММФ се дека глобалниот раст би можел да достигне 3,3 проценти во 2020 година, нешто повеќе од 2,9 проценти раст во 2019 година, кој е всушност и најмалиот раст од финансиската криза пред една деценија. Иако проекцијата е намалена за 0,1 процентни поени во однос на октомвриските прогнози, сепак, од ММФ укажуваат на проблеми што можат да влијаат на растот. Според фондот, економската состојба ќе се подобри во 2021 година, за кога е предвиден раст од 3,4 проценти, но и оваа процена е намалена за 0,2 процентни поени во однос на октомвриската.
Предвиденото намалување, според претставниците на ММФ, се должи на намалената проекција за раст во Индија, каде што домашната побарувачка забави поостро од очекуваното поради намалената понуда на кредити. Од ММФ, исто така, ги намалиле и предвидувањата за раст на Чиле поради социјалните немири, а прогнозите се намалени и за Мексико, како резултат на континуираните слаби инвестиции.
– Ублажувањето на тензиите меѓу САД и Кина, што го отежна растот на БДП во 2019 година, го подобри расположението кај бизнисмените. Ова се толкува како прв сигнал дека трговијата и производството, можеби, ја достигнаа најниската точка – објаснуваат од ММФ.
Монетарците укажуваат дека првите знаци на стабилизација би можеле да се одржат и да ја зајакнат врската меѓу личната потрошувачка и подобрената корпоративна потрошувачка. Главен фактор што го ограничува растот, според ММФ, е неизвесноста околу царините и негативните ефекти врз приватните инвестиции.
Внимателните прогнози на ММФ посочуваат дека нема да има понатамошно влошување на тензиите во трговските односи меѓу САД и Кина и дека Велика Британија ќе излезе од ЕУ на уреден начин на крајот на јануари.
– ММФ ги зголеми прогнозите за раст на кинеската економија за оваа година за 0,2 процентни поени, на шест проценти, бидејќи трговскиот договор со САД вклучува делумно намалување на тарифите и откажување од тарифите на кинеските производи за широка потрошувачка, што беа планирани за декември. Овие обврски беа земени предвид во октомвриските проекции – е наведено во соопштението.
Сепак, ММФ не ги зголеми прогнозите за раст на БДП на САД, иако во договорот меѓу САД и Кина е предвидено Кина да ги зголеми набавките на американски производи и услуги за 200 милијарди долари во текот на оваа и следната година. Наместо тоа, ММФ објави дека стапката на раст на американската економија ќе се намали за 0,1 процентни поени од нивната октомвриска процена, на два процента. Ова е резултат на слабеење на ефектите за стимул од 2017 година и на олеснување на монетарната политика на ФЕД.
– И во еврозоната процената за раст за 2020 година е намалена за 0,1 процентни поени, на 1,3 процент. Ова, во најголем дел, е резултат на падот на производствената активност во Германија и на слабеењето на домашната побарувачка во Шпанија – објаснуваат монетарците.
Инаку, прогнозата за раст во Индија за 2020 година е драстично пониска и тоа за 1,2 процентни поени во однос на октомвриските проекции. Сега ММФ за Индија проектира раст од 5,8 проценти, а таа е најизразената намалена прогноза за раст на ММФ за дел од земјите што се во економски подем. Причината за намалувањето на прогнозите за раст на оваа земја лежи во кризата со заеми во земјата. Монетарниот и фискалниот стимул се очекува повторно да ја зголемат стапката на раст на индиската економија на 6,5 отсто во 2021 година, но и оваа стапка беше намалена за 0,9 процентни поени од октомвриската процена.
И за другите земји со поизразен економски раст ММФ ги намали процените, вклучувајќи и за Чиле, кој е под влијание на социјалните немири, но и за Мексико, при што за оваа земја ММФ ја намали прогнозата за раст на само еден процент во 2020 година, од 1,3 процент предвиден во октомвриските прогнози.
Монетарците истакнуваат дека иако се постигнати договори со кои ќе се намали влијанието на трговската војна помеѓу САД и Кина, сепак бариерите и понатаму се присутни.
– Зголемувањето на геополитичките тензии, првенствено меѓу САД и Иран, може да го наруши глобалното снабдување со нафта, да ја влоши атмосферата и да ги ослабне веќе слабите инвестиции на компаниите. Покрај тоа, интензивирањето на социјалните немири во многу земји, намалената доверба во воспоставените институции и недоволна застапеност во структурите на управувањето можат да ја нарушат активноста, да ги попречат напорите за реформи и да ја влошат атмосферата, туркајќи го растот на пониско ниво од предвиденото – заклучуваат од ММФ.