Бранот поскапувања со кој се соочува цел свет ќе го намали животниот стандард на граѓаните бидејќи трошоците за живот постојано растат. Вакво сценарио ММФ прогнозира и за Македонија односно дека крајот на годината земјава ќе го заокружи со инфлација од 10 отсто.

Ваквата прогноза е спротивна на очекувањата на власта чија проекција е дека земјава ќе ја заокружи годината со едноцифрена инфлација која би изнесувала 5,6 отсто.

ММФ во својот последен извештај вели дека високата инфлација и високите каматни стапки се ризик за глобалниот економски раст, кој ќе биде значително помал од првичните прогнози, а инфлацијата нема да се врати на посакуваното ниво до 2025.

За Македонија економистите пресметаа годишниот раст на економијата оваа година да биде на ниво од 2,5 отсто, глобално економијата ќе порасне за 3 отсто, кај развиените економии растот ќе се движи околу 1,5 проценти, а во земјите од еврозоната тој би изнесувал 0,7.