Министерот за економија, Крешник Бектеши, ги повика граѓаните да скенираат фискални сметки и да ја користат апликацијата „Мој ДДВ“ бидејќи, како што рече, со тоа ќе придонесат не само за раст на економијата туку и за домашниот буџет. Од 1 јули, кога почна да се реализира мерката поврат на 15 отсто, досега се скенирани над 4,5 милиони фискални сметки.
Бектеши се приклучи на карванот „Мој ДДВ“ по повод мерката за враќање 15 отсто од пресметаниот ДДВ и скенира фискална сметка на промотивниот штанд кај супермаркетот „Тинекс“ кај „Раде Кончар“ во Скопје.
„Мерката поврат на 15 отсто од ДДВ има големо значење не само за граѓаните туку и за целокупната економија. За граѓаните е важно затоа што на крајот на годината дава можност за плата плус во секое семејство, но за економијата ќе значи намалување на сивата економија. Граѓаните со барање фискални сметки и нивно скенирање на апликацијата ‘Мој ДДВ’ ќе бидат еден вид инспектори, што ќе значи дека директно ќе влијаат на намалување на сивата економија. Тоа на крајот ќе значи и повеќе пари во буџетот на државата“, рече министерот Бектеши.