Управата за јавни приходи информира за неправилностите коишто од почетокот на мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ, граѓаните ги пријавуваат на бројот 198. Како што велат од таму, од 1 јули 2019 година, најзабележителни се пријавите за неиздавање на фискални сметки, како и за сметки коишто граѓаните не можат да ги скенираат.
Најголем дел од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, мини маркети, колонијални продавници, фризерски студиа и друго. Некои правни лица се пријавувани и по повеќепати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки.
Најмногу пријави за недоследности има на територијата на Скопје и тоа најчесто во општините Аеродром, Центар, Чаир и други, каде граѓаните пријавувале неиздавање на фискални сметки, сметки со испрекинат бар-код поради што не може да се вчита, нечитлив бар-код и други нерегуларности.
Од УЈП информираат дека се почести се јавувањата за купување на производи од продавници коишто своите производи ги нудат и преку интернет, најчесто облека за што на граѓаните нарачаниот производ им се доставува без да им биде издадена фискална сметка.
– Мерката за поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ е од корист и на граѓаните и на државата. Оваа мерка значително ќе помогне и во намалувањето на сивата економија – велат од УЈП.
Од управата информираат дека согласно пријавите и по службена должност УЈП ќе спроведе интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен.