Министерството за образование и наука во соопштение наведува дека со новиот, деветти по ред пакет антикризни мерки кој Владата го презентираше вчера, над 120 илјади ученици и студенти ќе добиваат месечен паричен надомест до крајот на тековната учебна, односно академска година.
Тоа е поддршка за нив и нивните семејства, посочува МОН, во услови на зголемени трошоци за живот и продолжени ефекти од енергетската криза.
-Околу 105 илјади ученици од основните и средните училишта кои потекнуваат од семејства со ниски месечни примања до 50 илјади денари, секој месец во наредните шест, ќе добиваат финансиски надоместок во износ од 1.200, односно 1.800 денари. Додека, над 15 илјади студенти кои студираат надвор од нивното место на живеење, во следните седум месеци, додека трае академската година, ќе добиваат ваучери за превоз, односно надоместок во износ од 600 до 1.200 денари во зависност од пресметаните трошоци за превозот, информира МОН.
Во следните денови Владата и Министерството за образование и наука ќе објават детални информации за начинот на кој учениците и студентите ќе може да аплицираат, за критериумите, условите и роковите за искористување на овие мерки.
Деветтиот пакет со 26 антикризни мерки за поддршка на граѓаните е во вкупна вредност од 662 милиони евра.