Агенцијата вели дека растот на британската економија ќе биде „значително послаб“ од првично предвидениот

Американската агенција за рејтинг „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на Велика Британија за еден степен во поглед на постојаните несогласувања околу Брегзит и кризата со коронавирусот, пренесува „Ханделсблат“.

Мудис го намали својот рејтинг на AА3, еквивалент на АА во С & П Глобал, истовремено додавајќи дека нејзините изгледи се „стабилни“.

Агенцијата соопшти дека растот на британската економија ќе биде „значително послаб“ отколку што се сметаше порано, бидејќи земјата се соочуваше со тешкотии дури и пред пандемискиот период.

Коронавирусната криза се очекува да изврши уште поголем притисок врз економијата на Велика Британија отколку врз другите поголеми развиени земји, со оглед на големата зависност на Велика Британија од услугите за кои е потребна човечка интеракција, пишува Фајненшл тајмс.

Мудис го потенцира и „слабеењето на британските институции и управување“.

„Иако сè уште е висок, квалитетот на законодавните и извршните институции во Обединетото Кралство се намали во последниве години“, соопшти агенцијата.

Одделот за финансии соопшти дека пандемијата на коронавирусот има значително влијание врз јавните финансии, но дека работите ќе биле далеку полоши „ако не постапивме како што сторивме за да заштитиме милиони домаќинства“.

Институцијата наведува дека нејзиниот приоритет е да ги заштити работните места и бизнисите и дека „со текот на времето и сè додека економијата не се опорави, владата ќе ги преземе неопходните мерки за да обезбеди долгорочно здравје на јавните финансии“.

Сара Карлсон, аналитичар во Мудис, рече дека шокот предизвикан од коронавирусот извршил нов и значителен притисок врз британската економија.

Во преговорите со Европската унија (ЕУ), Кралството продолжува да му се заканува на Брисел дека ќе се повлече без да постигне трговски договор. Според Мудис, ваквиот развој на настаните би довел до наметнување царини и други слични трговски бариери. Агенцијата смета дека изгледите за трговски договор не се многу оптимистички. Многу британски компании очекуваат големи економски загуби.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк