Агенцијата за вработување го објави огласот за бесплатни обуки за ИТ вештини. Право на учество имаат млади лица до 34 години, пријавени како невработени.
Обуките се дел од Оперативниот план за вработување за 2019 година, и за нив се предвидени 35,1 милиони денари, што е неколкукратно зголемување во однос на лани, кога беа издвоени 8,5 милиони денари.
„Наша цел е да ги надградиме вештините на невработените млади лица до 34 години и тоа во област за која има реална потреба на пазарот на труд. Ги охрабрувам сите заинтересирани млади да се пријават и да ги усовршат своите знаења и вештини. Посебно ги охрабрувам младите жени да ја искористат оваа можност и да се стекнат со нови знаења со кои ќе обезбедат сигурни вработувања со високи примања во софтерските компании каде што досега поголемиот дел од вработените се мажи“, изјави при презентирање на мерката, министерката за труд и социјала Мила Царовска.
Со обуките, за основни и напредни ИТ вештини е планирано да бидат опфатени 1.253 невработени во земјава.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека годинава очекува што повеќе апликации во агенцијата.
„Обуките за напредни ИТ вештини ќе се спроведуваат од страна на тренинг провајдери низ целата територија на државата, зависно од пројавениот интерес кај невработените лица. На лицата кои ќе бидат вклучени во обуките ќе им бидат издадени ваучери за посетување на обука и за полагање на испит. Притоа, кандидатите треба да се пријават за полагање на испитот во рок од 3 месеци од завршувањето на обуката. На лицата кои редовно ќе посетуваат обука ќе им биде издадено Уверение за посетувана обука, а на лицата кои успешно и ќе го положат испитот ќе им биде издаден официјален акредитиран сертификат“, истакна Јовановска.
Пријавувањето се врши во Центрите за вработување.